„maledictum, мн. maledicta - Латински термин. Значи злобен говор или лош збор. Потекнува од: malus = лош или зло, dictum (од dicere) = нешто кажано или изговор. Исто - навреда, клевета или богохулство — навредлив или клеветнички говор. Во црковни или средновековни контексти, maledictum често се користел за да се опише богохулство против Бога или клевета против други. Изведената придавка маледиктив - склон кон пцуење или зборување зло. maledicere=маледиктологија, како луѓето се изразуваат емоционално преку пцуење.“
Во секој јазик постојат зборови што се шепотат, не се запишуваат, или се изговараат само меѓу свои. Тие зборови живеат на рабовите на пристојноста, но токму таму, во тој граничен простор меѓу срамот и вистината, се открива најавтентичниот дел од човечката култура. Пцовките, клетвите, благословите, еротските приказни и народните називи за делови од телото ја претставуваат јазичната сенка на општеството – она што стандардниот јазик се обидува да го сокрие, но без кое не би можел да постои.
Јазикот е најживиот облик на културата. Според Витгенштајн, јазикот е дел од човечкиот организам. Во него се огледуваат не само мислите и чувствата на луѓето, туку и нивните стравови, табуа, вредности и колективна меморија. Во таа смисла, пцовките, вулгаризмите и дијалектните изрази што се однесуваат на телото, сексуалноста и интимните делови на човекот не се само „непристојни зборови“, туку културни артефакти кои откриваат многу за менталитетот, социјалната структура и историскиот развој на едно општество. Изучувањето на овие изрази не претставува тривијална занимава, туку сериозен лингвистички и социолошки предизвик.
Лингвистички гледано, пцовките и вулгарните изрази претставуваат најдинамичниот слој на јазикот. Тие се постојано во движење – создаваат нови форми, адаптираат стари, добиваат метафорични и хумористични значења. Особено интересна е морфолошката и фонетската креативност во нивното создавање: комбинации на глаголи и именки, алитерации, ритмички изрази и звуци што носат експлозивна енергија. Во дијалектите, тие се јавуваат како етнолингвистички маркери – зборови што ги одразуваат специфичните погледи на светот на одреден регион, со свои локални нијанси на значење, интонација и симболика.
Овој труд има за цел да го презентира народното лице на јазикот – она што зборува за човекот не преку книжевноста и нормата, туку преку секојдневниот говор, дијалектите и народните емоции. Во фокусот се четири основни категории на изрази: пцовките, клетвите, благословите и еротските приказни, дополнети со вулгарните и дијалектни зборови за делови од телото. Заедно, тие создаваат комплетна слика за односот меѓу јазикот, телото и општеството. Тие се различни по форма и намера, но во суштина се родени од ист корен: потребата човекот да ја изрази својата сила, страст, болка и љубов преку зборот. Во нив се вкрстуваат емоцијата и културата, телесното и духовното, индивидуалното и колективното. Тие се јазична археологија на народот – говор кој не се учи во училиште, туку се пренесува преку животот.
Долги векови, овие форми биле занемарувани од „високата“ култура, сметани за примитивни или непристојни. Но токму во нив се чува живиот, нефилтриран јазик на народот. Современата лингвистика, антропологија и социологија го признаваат нивниот научен и културен потенцијал: тие овозможуваат увид во менталитетот, моралот и естетиката на едно општество.
Проучувањето на ваквиот јазик овозможува подлабоко разбирање на културниот идентитет, бидејќи во него се вкрстуваат интимното и колективното, телесното и духовното, хуморот и агресијата.
Со систематско собирање и анализа на пцовки, клетви, благослови и еротски изрази — особено во нивната дијалектна разновидност — може да се создаде етнолингвистички атлас на македонскиот говор, кој би имал и културно, и научно, и документарно значење.
Во време кога глобализацијата и медиумите создаваат унифициран говор, зачувувањето и документрањето на локалните, „заборавени“ зборови претставува чин на културна заштита. Пцовките и телесните изрази, иако често потиснати, се дел од јазичната археологија на народот – тие раскажуваат како говорителите ја разбираат интимноста, срамот, честа и моќта.